ДРЕВНИОТ ПАТ ВИЈА АПИЈА Е 60. ЛОКАЛИТЕТ ВО ИТАЛИЈА ВКЛУЧЕН НА ЛИСТАТА НА УНЕСКО

Рим, (Гардијан)

Вија Апија, еден од најстарите и најзначајни патишта изградени од античките римјани, влезе на листата на светското културно наследство на УНЕСКО како 60. локалитет од Италија, најмногу во една земја. Овој пат го поврзувал Рим со Бриндизи на југот и претставувал револуција во изградбата на патишта.

Првата секција била изградена во 312 година пред нашата ера. Првите 17 километри од калдрмата останаа и се зачувани во рамките на археолошкиот парк Апија Антика во Рим. Совршено недопрениот пат е опкружен со остатоците од древни римски аквадукти и вили. Под патеката има широка мрежа од катакомби.

„Првично замислен како стратешки пат за воени походи кон исток и Мала Азија, Вија Апија подоцна овозможил раст на градовите што ги поврзувал и се појавиле нови населби, олеснувајќи ги земјоделското производство и трговијата“, кажаа од УНЕСКО.

Меѓу новите локалитети кои влегоа на листата на УНЕСКО се замокот Шверин во Германија, пештерата Вјетреница во БиХ, селото Ум ал-Џимал во Јордан, остатоците на древниот град Хегматанех во Иран, рудникот за злато Садо во Јапонија и надворешните скулптури на романскиот уметник Константин Бранкуши.

Фото: СМАРТ СДК.МК