ЕДИНСТВЕНИОТ АЛБИНО ОРАНГУТАН НА СВЕТОТ ВРАТЕН ВО ЏУНГЛА

Џакарта, (ДПА)

Единствениот познат албино орангутан на светот е вратен во џунгла во Борнео, една година откако беше спасен од заробеништво.

„По 20-часовно возење низ шумите, Алба беше ослободена и веднаш покажа природно однесување. Се качуваше по дрвјата, бараше храна и си градеше живеалиште“, соопшти Фондацијата за спас на орангутаните од Борнео.

Петгодишната женка сега живее со орангутанот Кика во националниот парк Букит Бака Букит Раја во индонезискиот дел од островот Борнео.

„Фондацијата ќе продолжи со често набљудување во следните шест месеци, за да го оценува нејзиниот напредок во шумата“, соопшти Фондацијата.

Алба, која има сини очи и бело крзно, во април 2017 година беше пронајдена во тесна дрвена ќелија, запоставена и летаргична, со траги од крв по лицето.

„Таа брзо заздравуваше, но здравствените проблеми врзани со нејзиниот албинизам, како слабите вид и слух и можноста за рак на кожа, ја направија поранлива“, рекоа од Фондацијата.

По глобална потрага по името, таа беше наречена Алба, што на латински јазик значи бела.

Активистите за заштита на животни проценуваат дека има од 70-100.000 орангутани во Борнео и Суматра. Овие мајмуни, кои најчесто имаат црвеникаво-кафеаво крзно, денес се сметаат за високо загрозен вид или вид пред исчезнување поради уништувањата на шумите на разни начини.