Популарните ликови од хумористичната серија „К-15“ ќе снимаат документарен филм, пред нивното шоу во живо кое го најавија за 16 мај следната година во салата „Борис Трајковски“ по повод 30 години од првата емисија.
Филмот ќе го режира Илија Ико Каров, синот на Љупчо Бубо Каров кој како дете играл во скечевите на „К-15“.
„Сакавме да направиме нешто за да се одбележат овие 30 години. Нѐ немаше 11 години со нови емисии, и очекувавме дека ќе нѐ подзаборават луѓето. Но, наместо да ни спласне популарноста, сега и деца на улица кога нѐ среќаваат нѐ препознаваат“, ни рекоа Бранко Огњановски, Васко Тодоров и Бубо Каров на снимањето на емисијата „Еден на еден“.
Комичарите кои се прославија со ликовите на Миле Паника, Тошо Малерот и Цацко Конопишки, се одлучиле на овој начин, во голема сала да се вратат пред публиката. „Ќе има многу скечеви, гости, ќе има песни и други изненадувања“, најавуваат „К-15“.
Сличен настан со многу публика имаа пред 29 години, во 1995 на скопскиот Градски стадион, на кој сакале да слетаат со хеликоптер. За полесно да добијат дозвола, Бранко Огњановски побарал помош од тогашниот министер на внатрешни работи, Љубомир Фрчковски.
„Првично, немаше шанса да го добиеме хеликоптерот, тогаш имавме само еден во државата, вториот беше расипан. Две недели претходно Лепа Брена имаше концерт на стадион и не ѝ го дале. Но, Фрчковски се јавил кај Бранко Црвенковски, кој тогаш беше премиер, и така ја добивме дозволата“, рече Бранко Огњановски.
„К-15“ се сеќаваат дека кога настапувале во Австралија во поголема сала, таму луѓето од публиката со нив ги рецитирале репликите од скечевите, ги знаеле напамет.
„Скечот со кичмата на Бубо е еден од најпопуларните и се надеваме дека и на шоуто во Скопје на 16 мај луѓето ќе го кажуваат со нас како во Австралија“, вели Васко Тодоров. На шоуто, освен легендарните скечеви, ќе има песни и монолози во живо, и оркестар кој ќе ги следи.
Билетите се продаваат преку мрежата на kupikarta.com. Од „К-15“ велат дека има голем интерес, и за неколку часа се продадени половина од билетите.
М. ЏАРОВСКА
Фото: В.ОЦЕВСКИ