Еленче од минатата недела е нов жител на скопската Зоолошка градина. Младенчето е женка и е прва принова годинава кај елените лопатари.
„Секогаш најмногу не радува кога имаме принова кај елените лопатари. За малото бебе кое се роди пред неколку дена се грижи целата група зоо негуватели“, велат од скопската Зоолошка градина.
Изминативе три месеци во скопската Зоолошка градина се родија десетина младенчиња од различни видови. Прва радост беа трите бели лавчиња, Ана, Хана и Луна, први кои се родија после 20 години. Покрај лавчињата се роди и белоракото гибонче, кое зоо негувателите го крстија Мики. За првпат во градината има и младенче двогрба камила – малиот Буби, се родија и валаби кенгурче, лемур, патаси, камерунски кози, верверички, џуџести кози, најмалото мајмунче на светот од видот џуџест мармазет, берберска овца, зајчиња и младенчиња од неколку видови птици.