ЕВРОПА СТИГНА ДО БРОЈКАТА ОД МИЛИОН КУПЕНИ ЕЛЕКТРИЧНИ АВТОМОБИЛИ ПОБРЗО ОД САД

Лондон, (Гардијан)

Во Европа моментално се возат повеќе од еден милион електрични автомобили, откако продажбата пораснала за повеќе од 40% во првата половина од годината.

Европа ја достигна оваа бројка речиси една година после Кина, која има многу поголем автомобилски пазар, но порано од САД, од кои ова се очекува подоцна оваа година, благодарение на новиот модел на „Тесла“.

Меѓу јануари и јуни, околу 195.000 електрични автомобили биле купени во Европската Унија, Исланд, Лихтенштајн, Швајцарија и во Норвешка, што е пораст за 42% во однос на истиот период лани. До крајот на годината, се очекува 1,35 милиони Европејци да возат електричен автомобил.

„Бројката од еден милион е важно достигнување, но сè уште не е доволно за да се намали емисијата на штетните гасови“, вели аналитичарот Виктор Ирлес.

Иако продажбата се зголемува, електричните автомобили сè уште учествуваат само со 2% во вкупната бројка на новорегистрирани возила во Европа. Норвешка ја предводи листата со 36.500 новокупени еколошки автомобили, но се очекува Германија да го преземе приматот до крајот на годината.