ФИНСКА ДО 2035 ПЛАНИРА ДА СТАНЕ ПРВАТА ЈАГЛЕРОДНО НЕУТРАЛНА ДРЖАВА НА СВЕТОТ

Хелсинки, (Гардијан)

Новата влада на Финска вети дека државата ќе стане јаглеродно неутрална до 2035 година, што планира да го реализира преку поголеми вложувања во инфраструктурата и во општата благосостојба.

Лидерот на Социјалдемократите Анти Рине, кој се наоѓа на чело на новата владина коалиција, во која влегоа и партиите на зелените, изјави дека е време да се инвестира во иднината по неколку години штедење.

Пека Хависто, претседателот на Зелената лига, кажа дека владината политичка програма е можеби најамбициозната на светот кога станува збор за борбата против климатски промени. Таа предвидува годишно зголемување на јавното трошење за 1,23 милијарди евра, како и еднократни инвестиции во наредните четири години во вредност од три милијарди евра, најмногу во железничката мрежа.

„Луѓето бараа побрза акција против климатски промени и ќе ја добијат. Нашата цел е да го изградиме првото одржливо општество без фосилни горива на светот. Тоа е возбудлива мисија на којашто сме подготвени“, изјави Хависто.