ФОСИЛИ НА 10 МЕТРИ ДОЛГ МЕГАРАПТОР ПРОНАЈДЕНИ ВО АРГЕНТИНА

Буенос Аирес, (Би-Би-Си)

Фосили на досега непознат, десет метри долг мегараптор се откриени во Патагонија, јужна Аргентина.

Мегараптори биле огромни месојадни диносауруси со долги раце и со канџи од 35 сантиметри. Тие исто така имале моќни нозе и долги опаши, што ги правело поагилни од тираносаурусите и им овозможувало да фаќаат помали тревопасни диносауруси.

„Новиот мегараптор е еден од последните од својата група, кој постоел пред диносаурусите да исчезнат“, кажа Фернандо Новас од Природонаучниот музеј во Буенос Аирес, кој го водел истражувањето.

Со должина од околу 10 метри, ова е еден од најголемите мегараптори досега пронајдени. Неговата старост е проценета на 70 милиони години, од крајот на добата на диносаурусите.

Аргентина е земја богата со фосили на диносауруси и таму досега се пронајдени 80 различни видови, што е 10% од познатите видови.