ГИ ЗАПОЗНАВАМЕ РЕТКИТЕ БОЛЕСТИ: ТАУРОДОНТИЗАМ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Во месецот со најмалку дена во годината, во месецот кој оваа година е редок по своите ретки 29 дена и во месецот кој пациентите со ретки болести го идентификуваат како свој, по шести пат ќе се обидеме поблиску да Ве запознаеме со ретките болести од кои заболува и со кои се соочува и живее населението од Охридско-струшкиот Регион. Да ги дознаеме предизвиците и проблемите со кои се соочуваат. Како ја добиваат дијагнозата? Дали има некаков лек? Колку и дали воопшто се пристапни и достапни лековите?

ТАУРОДОНТИЗАМ / TAURODONTISM

MKБ-10 K00.2

ПРЕВАЛЕНЦА – Највисока преваленца е забележана во Африка со 13,4%.

ВОВЕД

Тауродонтизам претставува ретка морфолошка аномалија на забите, пропратена со недостиг на конструкција на емајлово-цементната граница, карактеристично правоаголно проширување на пулпината комора кон врвот на коренот и скратување на коренот и коренските канали. Називот тауродонтизам доаѓа од латинскиот збор tauros, што значи говедо и грчкиот збор odontos, што значи заб“, во превод заби слични како забите на преживарите (воловски заби). Тауродонтизмот прв го опишал Артур Кејт во 1913 година.

ЕТИОЛОГИЈА

Етиологијата на тауродонтизмот и начинот на настанување не се сѐ уште целосно разјаснети. Се смета дека основниот механизам за да настане тауродонтизам е неуспешна или доцна инвагинација на Хертвинговата епителна обвивка на коренот, што доведува до апикално поместување на фуркацијата на коренот. Може да се јави како изолирана појава, во склоп на синдроми или како последица на зголемен број х-хромозоми. Најновите испитувања што се направени последниве години потврдуваат дека развојот на забите е регулиран со многу сигнални молекули и фактори на раст, а главна улога има коскениот морфогенетски протеин 2 (Bmp2). Улогата што ја има Bmp2 не само што е клучна за разбирањето на нормалниот развој на забите и абнормалностите туку има и примена во биоинженерството на нови забни структури. Испитувањата укажуваат на интимна поврзаност на Bmp2 со васкуларно асоцирани SMA+ клетки при процесот на ангиогенеза и дентиногенеза. Генот за дентин-сиалофосфопротеин (DSPP) се изразува за време на терминалната диференцијација на одонтобластите и е регулиран со Bmp2, па затоа улогата на Bmp2 има веројатна поврзаност со развојните абнормалности, како што се дентиногенеза имперфекта (DGI) и тауродонтизмот кои покажуваат дефекти на дентинот.

СИМПТОМИ И ДИЈАГНОСТИЦИРАЊЕ

Тауродонтизам не може клинички да се дијагностицира и потребна е рендген-визуелизација бидејќи коронката на заб со тауродонтизам има нормална форма, а нејзините карактеристики се присутни под алвеоларниот раб. Тауродонтизам може да се појави и кај млечни и кај трајни заби, еднострано или билатерално, но најчесто кај трајните молари. Статистички, почесто се јавува кај женскиот пол. Класификацијата на тауродонтизам според Шо се темели врз основа на поместувањето на дното на пулпината комора како: хипотауродонтизам – умерено зголемување на пулпината комора; мезотауродонтизам – пулпината комора е многу зголемена, а корените се кратки, но сѐ уште одвоени; хипертауродонтизам – призматски или цилиндрични облици каде пулпината комора достигнува до апексот и разделени се на два или четири канали.

Иако тауродонтизам е изолирана аномалија, може да се јави и при Даунов синдром, амелогенезис имперфекта, Klinefelter-ов синдром, Mohr-ов синдром, Wolf-Hirschorn-ов синдром, Lowe-oв синдром и ектодермална дисплазија.

ПОСЛЕДИЦИ

Редовните прегледи се клучни за прилагодување на третманот кој може да варира и зависи од тежината на состојбата и потребите на пациентот. Раната дијагноза и соодветниот третман можат значително да го подобрат квалитетот на живот на лицата со оваа аномалија.

ТРЕТМАН

Тауродонтизмот е ретка појава, но заслужува посебна внимателност при планирањето на стоматолошкиот третман. Изменетата морфологија на забите со тауродонтизам претставува предизвик за ендодонтите не само во процесот на отстранување на обемната пулпа туку и при пополнување на големата пулпина комора и сложениот систем на коренски канали. Протетичарите и ортодонтите треба да бидат внимателни при користење на тауродонтичните заби како места за дентално наслонување бидејќи немаат еднаква стабилност како нормалните заби. Поради апикалното поместување на фуркацијата, забите не се држат цврсто во алвеоларната празнина, а од друга страна, лесни се за екстракција. Забите со тауродонтизам се ретко пропратени со пародонтални оштетувања.