Вечерва (11 октомври) од 19 часот, во „Аудиокултура“ во Скопје ќе се промовира албумот „По пожарот“ (After the Wildfire), што норвешките музичари Јан Бенг и Арве Хенриксен го напишаа специјално за отворањето на 42. издание на Скопскиот џез фестивал во 2023.
Делото беше изведено со оркестарот на институтот „Фејмс“, придружен од повеќе македонски солисти. Оркестратор и диригент беше Џијан Емин. Снимениот материјал се доработуваше во Норвешка, а сега е објавен како албум.
Во рамките на истиот настан ќе настапи триото на пијанистот Гордан Спасовски, кој ќе ја добие наградата за најдобар македонски џез музичар за изминатата година, што ја доделува Скопскиот џез фестивал. Активен е како пијанист, композитор и аранжер и е дел од Националниот џез оркестар. Покрај Спасовски, во триото членуваат и Виктор Филиповски на тапани и Кирил Туфекчиевски на бас.