Грчкиот поет Сотирис Минас, кој сам го научил македонскиот јазик, на 19 септември од 12 часот во книжарницата на „Матица македонска“ во Скопје ќе ја промовира книгата „Раскинување на договорот“. За книгата ќе говори писателот и книжевен критичар Иван Антоновски.
Иако нема македонско потекло, сам го научил македонскиот јазик, на него ги препеал сопствените песни, а својата прва поетска книга ја објавил токму во Македонија, напоредно на грчки и на македонски.
„Мојата одлука да ја објавам оваа збирка во Македонија, преку издавачката куќа ‘Матица македонска’, е свесен чин на правда“, пишува Минас во авторската белешка.
„Ова издание е мој директен судир со двецениските молк и лаги. Цврсто верувам дека помирувањето започнува единствено преку прифаќањето на постоењето на другиот“, додава тој.