Грција почна да го трансформира островот Астипалеа во Егејското Море во паметен и одржлив остров, што ќе се реализира со помош на „Фолксваген“. Германската автокомпанија ги испорача првите осум електрични автомобили на островот, означувајќи го почетокот на неговата целосна електрификација.
Петгодишниот проект треба да послужи како пример за зелена транзиција на останатите острови. „Фолксваген“ ќе придонесе во иницијативата со 20 милиони евра.
„Ова е храбар план. Она што го применуваме овдека на Астипалеа е ништо помалку од нов почеток, излез кон почист, позелен, поодржлив свет, без мотори со внатрешно согорување. На овој начин ќе добиеме вредни знаења што во иднина би можеле да се применат во целата Грција и пошироко“, изјави грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис.
Планот предвидува замена на сите 1.500 автомобили на островот со електрични модели на „Фолксваген“ и „Сеат“ и изградба на инфраструктура за обновлива енергија, вклучувајќи соларен парк, ветерни турбини и батерии. Во прв момент се инсталирани и 12 станици за полнење на електрични автомобили.