Министерството за внатрешни работи распиша потерница по поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, откако судот извести дека не може да го пронајде за да му го врачи решението за одење во затвор. Груевски е осуден на две години затвор за незаконска набавка на луксузен „мерцедес“ со парите од МВР.
- На Никола Груевски во мај му беше изречена затворска казна од две години во случајот на Специјалното јавно обвинителство „Тенк“, што се однесуваше на незаконска набавка на луксузен „мерцедес“ од 600.000 евра.
- Груевски беше прогласен за виновен, откако во 2011 година влијаел врз тогашната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска со парите на МВР да се купи значително поскапо блиндирано луксузно возило.
- Во петокот, на Груевски му беше одбиена и последната жалба на решението за издржување на затворската казна, што треба да ја одлежи во затворот во Шутка, со што беа исцрпени сите редовни правни лекови.
- Груевски во петокот не бил пронајден дома од судскиот доставувач за лично да му се достави решението, ниту тој потоа доброволно се пријави во затворот во Шутка.
- МВР распиша потерница по Груевски, откако Кривичниот суд извести дека тој не може да се пронајде за да му се врачи решението.
- И полицијата вчеравечер не го пронајде Груевски на неговата домашна адреса во Кисела Вода.
- Во оној момент кога ќе го пронајде, полицијата присилно ќе го спроведе Груевски во затвор.