Пеејќи песни од Владо Јаневски, стотици фанови се собраа пред Арената „Борис Трајковски“ во Скопје за да му оддадат почит на кантавторот и пејач кој почина на 28 јуни во Скопје, по кусо боледување.
На настанот кој го иницираа фановите на Јаневски, а го поддржа продукција „Прагма“, дојдоа и негови колеги и пријатели кои со години соработувале со него. Пеејќи го евергринот „Некогаш и негде“ заедно со водителот Марко Марк, фановите направија ѕвездено небо во чест на пејачот кој ги напиша најубавите љубовни песни.

„Последен пат настапивме заедно во Охрид по Велигден, на 8 април. Имавме планови дека ќе свириме заедно во оваа сала зад нас уште многу пати, но ете, вечерва песните на Владо ги слушаме без него. Владо е тука, тој не заминува. Јас не ја прифаќам таа информација. Можеби неговото тело си замина, ама со духот е тука и ќе остане уште векови. Владо велеше дека не сака патетики. Сакам вечерва да го испратиме достоинствено“, рече музичарот Влатко Плевнеш од „Силви бенд“ кој го придружуваше Јаневски на сите настапи.

Неговата сопруга, Силвана Мучиќ-Плевнеш ни кажа дека се изненадиле кога Јаневски, иако имал настап заедно со Влатко Плевнеш на 8 април, го откажал следниот кој требал да се одржи за два дена.
„На 8 април настапи со Влатко во Охрид, а следниот настап на 10 април го откажа затоа што веќе не му беше добро. На 18 април требаше да настапат во Моклиште во Кавадарци, Владо го откажа и тој настап. Иако никогаш не се жалеше, веќе ни стана јасно дека навистина не му е добро. Јас последен пат го видов пред една година во Гевгелија каде што живееше. Иако сите мислеа дека е арогантен, тој беше многу емотивен човек и голем пријател. Кога слушна дека сме во Гевгелија ни се јави и нѐ искара зошто не сме му се јавиле да испиеме кафе. И брзо дојде во локалот каде што бевме“, ни рече Силвана Мучиќ-Плевнеш.

За Владо Јаневски зборуваше и неговиот пријател Стево Чепишевски, кој долги години ги пееше придружните вокали на неговите концерти.
„Владо многу се грижеше за својата публика, внимаваше на секој детељ на настапот. Така се грижеше и за нас. Поважно му беше ние да сме среќни и распложени отколку дали ќе направиме некоја грешка. Беше многу емотивен, со жар влегуваше на секој настап. Ја обожаваше неговата публика. Жално е што таков човек нѐ напушти. Тој беше поет пред сѐ. Не беше текстописец, беше поет“, рече Чепишевски.

„Од првите музички чекори, преку историскиот настап како прв претставник на независна Македонија на Евровизија, па сè до последните концерти, остана доследен на себе, достоинствен, ненаметлив и искрен“, кажа водителот Марко Марк.
Српскиот рокер Ѓорѓе Давид дојде од Белград спцијално за настанот и ни рече дека со Владо последен пат се видел во Гевгелија пред два месеци, не знаејќи дека е болен.
Погребот на Владо Јаневски е на 1 јули на Градските гробишта во Бутел од 10 часот.
М. ЏАРОВСКА