БРИТАНСКАТА ГРУПА „АЈДЛС“ ДОЈДЕ СО ТРИ ШЛЕПЕРИ ОПРЕМА НА Д ФЕСТИВАЛ ВО ШТИП

Штип, (СМАРТ СДК.МК)

Популарната британска група „Ајдлс“, која настапи на третата вечер од годинашниов Д фестивал, во Штип пристигна со три шлепери опрема, иако организаторот веќе имаше инсталирано бина со  комплетна опрема, со која во претходните два дена настапија останатите учесници.

„Тоа е група која сака висок професионализам и затоа секаде каде гостува, настапува со своја опрема. Бараа од нас да овозможиме пристап на камионите за да ја инсталираат. Групата има пет члена, но во екипата имаше уште триесетина лица задолжени за опремата. Не им пречеше неколку часа пред концертот да направат кратка проба на најжешкото време. Сите во групата беа пријатно изненадени од публиката, која со овации ги наградуваше по секоја песна“, кажа Огнен Стојаноски од „Пасворд продукција“.

На Д фестивал настапија и Бајага со неговите „Инструктори“, Јура Стублиќ, германскиот техно диџеј Борис Брејча, „Дистракшн“ и други музичари, бендови и диџеи од Македонија и странство. Бесплатниот влез на сите локации придонесе трите фестивалски денови да бидат масовно посетени.

Повеќе групи млади волонтери уште во раните утрински часови заедно со комуналните служби од градот ги чистеа сите места каде што се одржуваше фестивалот.

Т. ЈОВАНОВСКИ