ХАНСИ ФЛИК СТАНА ПРВИОТ СЕЛЕКТОР НА ГЕРМАНИЈА КОЈ ДОБИЛ ОТКАЗ

Германија, (Би-Би-Си)

Германската фудбалска репрезентација е во потрага по нов селектор откако Ханси Флик беше отпуштен ден по поразот од Јапонија од 4:1 на пријателската средба во Волфзбург. Како главен кандидат се истакнува бившиот тренер на Баерн, Јулијан Нагелсман, а на утрешниот пријателски натпревар селекцијата ќе ја води Руди Фелер.

Флик е првиот германски селектор кој добил отказ од воспоставувањето на оваа функција во 1926 година. Германија изгуби четири од своите последни пет меча, додека Флик забележа само 12 победи на 25 натпревари откако го наследи Јоаким Лев на клупата во август 2021.

Германија е домаќин на Европското првенство следната година, но репрезентацијата е во хаос.

Како домаќини на ЕП следното лето, ни требаат доверба и оптимизам во земјата во поглед на нашата репрезентација. Ова беше една од најтешките одлуки што сум ги донесол досега, но спортскиот успех ни е од најголемото значење“, изјави шефот на Германската фудбалска федерација, Бернд Нојендорф.

Флик, кој му беше асистент на Лев од 2006 до 2014, имаше одличен почеток како селектор, со осум победи во низа, но Германија не успеа да ја помине групата на Светското првенство во Катар. Во последните 12 месеци успеа да ги победи само Оман, Порторико и Перу.

(Фото: Гети)