МАЛИОТ ХЕЛИКОПТЕР НА НАСА ПОЛЕТА НА МАРС, НАРЕДНИТЕ ЧЕТИРИ ЛЕТА ЌЕ БИДАТ ПОАМБИЦИОЗНИ

Кејп Канаверал, (АП)

Експерименталниот хеликоптер на НАСА се издигна над правливата површина на Марс денеска, изведувајќи го првиот контролиран лет на друга планета. Овој триумф беше опишан како браќа Рајт момент на Марс.

„Податоците од висинометарот потврдија дека ‘Инџинуити‘ го извел првиот лет, прв на едно летало на друга планета“, изјави Хавард Грип, главниот пилот на хеликоптерот на Земјата.

„Инџинуити“, тежок само 1,8 килограми, пристигна на Марс со роверот „Персеверанс“, кој го сними историскиот момент од далечина од 65 метри. Вреден 85 милиони долари, ова се сметаше за голем ризик, кој сепак се исплатеше.

Тој се задржа во воздух 40-ина секунди и тоа претставуваше голем предизвик, имајќи предвид дека атмосферата на Марс е многу разретчена, само 1% од густината на Земјата. Токму од таа причина, „Инџинуити“ е дизајниран да има мала тежина, а перките мора да се вртат екстремно брзо, 2.500 вртежи во минута, што е пет пати побрзо отколку на Земјата.

Хеликоптерот е опремен со соларни панели, преку кои ќе ги полни батериите за следните летови. Предвидени се уште четири во наредните денови, секој нареден поамбициозен. Ако бидат успешни, тоа би можело да постави основи за флота Марсовски дронови во наредните децении.