ХИРУРЗИ ОТСТРАНИЛЕ 263 МОНЕТИ И НАД 100 ШАЈКИ ОД СТОMАК НА ПАЦИЕНТ ВО ИНДИЈА

Њу Делхи, (Си-Ен-Ен)

Речиси 5,4 килограми метални предмети биле пронајдени во стомакот на Индиец, откако отишол на лекар поради болки во стомакот. Максуд Кан, кој има 28 години и е возач на рикша, од округот Сатана во централната држава Маџа Прадеш на 19 ноември бил примен во болницата „Санџај Ганди“. Докторите првично се посомневале дека страда од труење со храна, додека тестовите не покажале што содржи неговиот стомак.

„Тој се жалеше на болки во последниот месец. По општиот преглед најдовме дека има инфекција на стомакот и низок крвен притисок, тој беше во критична состојба“, вели д-р Пријанк Шарма, кој ја водеше операцијата.
Лекарите наскоро откриле дека причината за неговата болка е многу посериозна.

„Се сомневавме дека станува збор за нешто друго, бидејќи неговото семејство изрази сомнеж дека јадел неприродни работи. Па така направивме рендген и утразвук на стомакот“, рече д-р Шарма.

Снимките покажале присуство на повеќе метални предмети во неговиот стомак, од метални парички до жилети.

Кан е опериран на 24 ноември за да му ги отсранат предметите, при што е користен лапораскоп за да ги пронајдат сите.

„Во стомакот откривме штрафови со навртки, синџири, 263 парички, и околу 100 шајки. Операцијата траеше три часа“, вели д-р Гахарвал, шеф на одделот за општа хирургија во болницата во Индија.

„Постоперативно беше во критична состојба во рок од 24 часа и беше на вештачко дишење. Сега тој е надвор од животна опасност, но ќе треба време за да му се опорави стомакот“, рече д-р Шарма.

Рендген снимките што ги направиле докторите по операцијата покажале дека сите метални предмети биле отстранети.