Вечерва во 19 часот, во Музејот на современа уметност (МСУ) ќе се отвори изложбата „Пре-фабрикати: Растечките куќи на Скопје“, проект на Милан Мијалковиќ и Катарина Урбанек од Австрија.

Истражувачкиот проект ја следи историјата на шест одбрани монтажни бараки во Скопје, но и искуството на домаќините од животот во нив изминативе 55 години.

По катастрофалниот земјотрес во Скопје во 1963 година, пристигнатата итна помош од Истокот и Западот, како и натамошната реконструкција на градот, беа насочени кон создавање општествен утописки модел на место, засновано на активна солидарност, т.н. „отворен град“.

Разурнувањето и сериозното оштетување на дури 80 отсто од градбите оставија 150.000 жители, односно три четвртини од населението, без дом. Обезбедувањето станбен простор стана најприоритетната задача. Првата испорака на монтажни елементи пристигна во Скопје само десет дена по земјотресот.

Веќе во декември беа предадени 10.000 станбени единици, а до крајот на 1964 година беа изградени вкупно 14.068 станбени единици, со што беше обезбеден нов дом за околу 70.000 луѓе.

„Со изградбата на овие куќи, од кои дел беа и опремени, повеќе земји добија можност да дадат видлив и јасно препознатлив придонес во реконструкцијата. Иако повеќето од куќите беа произведени во Југославија, во колективната свест на градот останаа запишани околу 2.500 куќи донесени од други земји, од кои 914 беа донација. Овие монтажни куќи, кои и денес сѐ уште се нарекуваат ‘бараки‘, трајно го обликуваа ликот на градот“, велат Мијалковиќ и Урбанек.

Фотографиите се на Горан Димов, видео-обработката на Ана Хојс, а преводот е на Милица Ѓорчевска.