ИТАЛИЈА ЌЕ БИДЕ ПРВА ЗЕМЈА ВО КОЈА КЛИМАТСКИ ПРОМЕНИ ЌЕ СТАНАТ УЧИЛИШТЕН ПРЕДМЕТ

Рим, (Индипендент)

Италија ќе стане прва земја која ќе воведе задолжителна настава за климатски промени во училиштата.

Министерот за образование Лоренцо Фјорамонти изјави дека почнувајќи од следната учебна година, сите државни училишта ќе одделуваат еден час неделно за проблемот со климатски промени. И некои традиционални предмети, како географија, математика и физика, исто така ќе се изучуваат од перспективата на одржлив развој.

„Целото Министерство прави промени со цел одржливоста и климата да бидат во центарот на образовниот модел. Сакаме италијанскиот образовен систем да биде прв на светот кој ќе ги стави животната средина и општеството во суштината на сѐ што се учи на училиште“, изјави Фјорамонти.

Фјорамонти, член на Движењето пет ѕвезди, кое е дел од владината коалиција, беше критикуван од опозицијата зашто ги охрабруваше учениците да не одат на школо за да учествуваат на протестите против климатски промени. Како министер, тој предложи повисоки даноци за авионски карти, пластика и за храна со големо количество шеќер.