Денеска (28 мај) во 21 часот, во Галерија 2 во Младинскиот културен центар (МКЦ) ќе се отвори изложбата „Часови без часовник“, поврзана со истоимената книга на Владимир Мартиновски. На изложбата се прикажуваат 15 негови дела во комбинирана техника на хартија кои се илустрации во стихозбирката „Часови без часовник“ (сонетен венец во издание на „Арс Ламина“, 2025). Изложбата ќе се отвори со поетско-музичка изведба на сонетниот венец, во која ќе учествуваат авторката, поетесата Билјана Стојановска и гитаристот Дарко Багески.
Мартиновски е професор по општа и компаративна книжевност и декан на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Автор е на 11 поетски книги за возрасни, три стихозбирки за деца, 12 теориски и есеистички книги и четири книги проза, а составил и десетина антологии. Неговата поезија е преведена на 20 јазици, а објавени се десетина избори од неговата поезија во странство.
По минатогодишната изложба „Звучни слики“, „Часови без часовник“ е негова втора самостојна изложба.