ИЗЛОЖБА НА ЗОРАН КАРДУЛА СО ДИЗАЈНИ ИНСПИРИРАНИ ОД ФЛОРАТА НА 18 ЈУЛИ ВО СКОПЈЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Утре (18 јули) во 20 часот, во фоајето на Националната опера и балет (НОБ) ќе се отвори изложбата „Флора Имагинариум“ на графичкиот дизајнер Зоран Кардула.

„Оваа изложба е резултат на двегодишна работа на проект поврзан со еден македонски бренд, при што Кардула создаде серија уникатни дела инспирирани од флората, фантазијата и визуелниот јазик на маркетингот“, стои во најавата за изложбата.

Делата на Кардула се карактеризираат со експресивни бои, стилизирани органски форми и суптилен наратив кој го истражува односот помеѓу човекот, екологијата и потрошувачкото општество.

Познат по своите поп-арт и конструктивистички естетики, Кардула овој пат ги комбинира елементите на илустрација, графички дизајн и визуелна поезија. Изложбата се состои од повеќе дизајнирани постери, дигитални колажи и експериментални графички композиции кои ја прикажуваат флората како визуелна симфонија, но и како форма на тивка критика.

Кардула е добитник на повеќе меѓународни признанија, а неговите дела се изложувани во САД, Италија и ширум Балканот. Познат е по редизајнот на југословенските филмски плакати и соработките со брендови како „Своч“ и „Сваровски“.