ИЗЛОЖБА „ПОМЕСТЕНИ ГРАНИЦИ“ И ДЕН НА ВИЕТНАМ НА СКОПСКО ЛЕТО

Скопје, (СМАРТ.СДК.МК)

На Скопско лрто, денеска (30 јуни) во 20:30 часот, во семејна куќа на ул. Атинска во Скопје, ќе се отвори изложбата „Поместени граници“ на Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ). Кураторка е Гордана Велков, која создава концепт насочен кон индивидуалните мемории, предлагајќи изложбен простор во семејна куќа во населбата Тафталиџе.

„Физичкото присуство на предметите и садовите и архитектонските и ентериерните решенија во просторот претставуваат меморија за едно време и се производ на едно искуство. Тие се поставени, уредени и одржувани од севкупноста на нечии сеќавања“, вели Велков.

Изложбата ќе биде отворена до 2 јули.

Од 19 до 21 часот, Амбасадата на Виетнам во Бугарија, истовремено акредитирана во земјава, во партнерство со Виетнамската асоцијација за култура и туризам во Европа, Виетнамскиот културен центар во Франција и фестивалот Скопско лето го организираат Денот на Виетнам во Скопје, што ќе се одржи на Отворената сцена пред Националната опера и балет.

На концертот ќе диригира Ле Фи Фи (фото), а ќе настапат Тан Сон и Тан Нгок и Гудачкиот оркестар при ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“. Програмата содржи дела од западната класична музика, виетнамски композиции и традиционална македонска музика.