КАНАДСКИ ФОТОГРАФ ГО СНИМИ „НАЈУБАВИОТ КОМАРЕЦ НА СВЕТОТ“

Лондон, (Би-Би-Си)

На светот има 33.000 видови комарци и ретко кој ги сака. Сепак, фотографијата на „најубавиот комарец на светот“ привлече големо внимание во годинашниот избор за Најдобра фотографија на див свет, што се одржува по 57. пат.

Станува збор за комарец од видот sabethes, кој може да се пронајде во Средна и Јужна Америка. Неговиот изглед залажува зашто е преносител на опасни тропски болести.

Автор на фотографијата е Канаѓанецот Гил Визен, кој е обучен ентомолог, а за да ја направи, биле потребни многу планирање и трпение и малку болка. Фотографијата насловена „Прекрасен крвопиец“ е снимена во амазонските дождовни шуми на Еквадор.

„Овој вид на комарец е многу плашлив, па тешко се фотографира, особено во услови на голема топлина и влага. Реагира на најмали движења и промени во интензитетот на светлината. Тие се преносители на неколку тропски болести, како жолта треска и денга треска. Иако бев каснат за време на фотографирањето, преживеав“, изјави Визен.

Само женките касаат и тоа во периодот кога треба да произведат јајца.