Францускиот претседател Емануел Макрон има порака за „Нетфликс“: „Емили во Париз“ му припаѓа на Париз.
„Ќе се бориме силно. И ќе ги замолиме да останат во Париз. ‘Емили во Париз’ нема смисла во Рим, нема смисла“, изјави Макрон за „Вараети“.
Четвртата сезона на хит-серијата завршува така што насловниот лик, американската иселеничка Емили Купер, го отфрла „градот на светлината“ за Рим.
Серијата е еден од најголемите хитови на „Нетфликс“ и неодамна беше објавено дека ќе се снима петта сезона. Иако некои парижани се навредуваат од стереотипното прикажување на француската престолнина, многумина се поврзаа со серијата. Политичари како Макрон ја пофалија серијата дека е „добра за имиџот на Франција“.
„‘Емили во Париз’ е суперпозитивна серија во однос на атрактивноста на земјата“, рече Макрон.
Неговата сопруга Брижит на кратко се појави во четвртата сезона, за што претседателот рече дека го направила „супергорд“.
„Тоа се само неколку минути, но мислам дека тоа беше многу добар момент за неа“, рече тој.
Запрашан дали самиот бил поканет да се појави во серијата, Макрон се пошегува: „Јас сум помалку привлечен од Брижит“.
(Фото: АФП)