КИНЕСКАТА МИСИЈА „ЧАНГИ-5“ ГИ ДОНЕСЕ ПРВИТЕ КАМЕЊА ОД МЕСЕЧИНАТА ОД 1976 ГОДИНА

Пекинг, (Би-Би-Си)

Кинеската вселенска мисија „Чанги-5“ се врати на Земјата, носејќи товар од камења и почва собрани од Месечината. Тоа е прв таков материјал што пристигнал на Земјата по повеќе од четири децении.

Се очекува новите примероци да дадат свеж увид во геологијата и раната историја на природниот сателит на нашата планета.

Капсулата се спушти во кинескиот регион Внатрешна Монголија и потоа брзо беше лоцирана од хеликоптер, користејќи инфрацрвени камери.

Мисијата „Чанги-5“ беше лансирана на крајот на ноември и два модула се спуштија на Месечината на 1 декември, при што собрале примероци и од површината и од внатрешноста, правејќи дупка од два метра под кората. Не се знае точно колкаво количество материјал е собрано, но се проценува меѓу два и четири килограми. Примероците потоа биле складирани во запечатен контејнер и однесени до модул во орбитата, што синоќа ги донесе на Земјата.

Околу 400 килограми материјал од Месечината се донесени од американските и советските мисии од 1969 до 1976 година, но сите овие примероци се стари повеќе од три милијарди години, додека Кина целеше на терен, каде што примероците се стари 1,2 или 1,3 милијарди години.