Сериозната поплава која потопи голем дел од Венеција е директна последица на климатски промени, изјави градоначалникот Луиџи Бруњаро.
Нивото на водата во градот достигна 1,87 метри и само еднаш откако почнале мерењата во 1923 година било повисоко, 1,94 метри во 1966.

„Повеќе од 85% од градот се поплавени. Највисокото ниво на водата во последните 50 години ќе остави траен белег врз градот. Владата мора да слуша. Ова се ефектите на климатски промени и цената ќе биде висока“, кажа Бруњари.
Плоштадот Свети Марко, една од најниските точки во градот, е меѓу најтешко погодените области. Тамошната базилика е поплавена по шести пат во последните 1.200 години, но четири случаи биле во изминатите две децении.

„Таа претрпи непоправлива штета“, вели Бруњаро.
Венеција се состои од повеќе од 100 острови во рамките на лагуна. Проект за заштита на градот од висока плима, вреден неколку милијарди евра, е дизајниран уште во 1984, изградбата почна пред 16 години, но сѐ уште не е довршен. Планирано е тој да биде пуштен во употреба до крајот на 2021.