КОЛУМБИЈА ОТКРИ ОСТАТОЦИ ОД УШТЕ ДВА БРОДА ПОКРАЈ ЛЕГЕНДАРНАТА ГАЛИЈА „САН ХОСЕ“

Богота, (Би-Би-Си)

Експерти од колумбиската морнарица кои истражуваат потонат шпански брод натоварен со богатство откриле остатоци од уште два историски брода, изјави претседателот на Колумбија, Иван Дуке.

Галијата „Сан Хосе“ била потопена од Британците покрај колумбиското пристаниште Картахена во 1708 година. Остатоците се лоцирани пред седум години во Карипското Море на длабочина од 600 метри. Сан Хосе“ се опишува како „свети грал на потонати бродови“, бидејќи превезувал едно од најголемите количества драгоцености што завршиле на морското дно.

Екипата која ги снимала остатоците од „Сан Хосе“ во негова близина открила уште два потонати брода, за кои се верува дека потекнуваат од времето на колумбиската војна за независност пред 200 години.

Откривме уште остатоци во истата област, кои укажуваат на нови можности за археолошки истражувања. Така што, нашата работа само што почнала“, вели заповедникот на морнарицата, адмиралот Габриел Перес.

Новите снимки даваат најјасен поглед на богатството од „Сан Хосе“, вклучувајќи златни прачки и монети. Бродот превезувал и сребро, смарагди и накит.