КРАЈСТЧРЧ – МИРЕН, ТОЛЕРАНТЕН И ОБЕДИНЕТ ГРАД КОЈ СТАНА МЕСТО НА НЕЗАМИСЛИВ УЖАС

Крајстчрч, (Гардијан)

Дваесет и четири часа откако Брентон Тарант уби 49 луѓе во две џамии во Крајстчрч, многумина се прашуваат како оваа мирна провинциска енклава стана место на најголемиот масакр во новозеландската историја и што го натерало напаѓачот да вози 350 километри од својот дом во Данедин за да го изврши нападот.

Крајстчрч долго време го нарекуваа „најанглискиот град надвор од Англија“ поради неговите старомодни градини и живописна неоготска архитектура, чиј симбол беше катедралата уништена во земјотресот во 2011 година, кога загинаа 185 луѓе.

Во градот со 340.000 жители, 1-2% се муслимани. Двете нападнати џамии се оддалечени 5,5 километри и необезбедени, што ги направило лесна мета, смета аналитичарот Пол Бјукенен.

„Победата на Доналд Трамп на изборите во САД ги охрабри десничарите низ цел свет и Нов Зеланд не е исклучок. Екстремната десница во земјата нагло се засили изминативе години и таа не била набљудувана од разузнавачките служби“, вели Бјукенен.

По неколку години пауза, Крајстчрч лани повторно заживеа како центар за прифаќање бегалци, меѓу кои најбројни се Сиријци. Владата на Џасинда Ардерн ја удвои годишната квота за прием на бегалци од 750 на 1.500 и тие беа топло прифатени како во Данедин, така и во Крајстчрч.

„Нов Зеланд има углед на мирољубива нација, што можело да биде фактор во планирањето на нападот. Таа се залага за сето она што тие луѓе го мразат и голем акцент става на инклузијата. Тука има многу толеранција, пријателска е и се прифаќаат различности. Напаѓачот веројатно сакал да внесе поделби во градот и во државата“, изјави професорот Роберт Петмен, експерт по меѓународни односи.

Место тоа, градот остана смирен и обединет и жителите меѓусебно си помагаат после нападот. „Kia kaha“ или „бидете силни“ на маорски е она што денес си го кажуваат едни на други на улица.

Новозеланѓаните нè сакаат и ние ги сакаме нив“, кажа еден Авганистанец, кој го преживеал вчерашниот напад.