КУБА СЕ ГОРДЕЕ СО СВОЈОТ ЗДРАВСТВЕН СИСТЕМ, НЕЈЗИНИ ЛЕКАРИ СЕ БОРАТ ПРОТИВ КОВИД-19 ВО НАД 20 ЗЕМЈИ

Хавана, (Ројтерс/Блумберг)

По само еден смртен случај од КОВИД-19 од 30 мај, кубанската влада ги објави плановите за повторно заживување на туризмот, вториот најголем извор на приходи за земјата, по здравствената грижа. Кубанците повторно ќе можат да патуваат низ земјата од крајот на месецов, додека влез за странски туристи ќе биде дозволен од крајот на август.

Кубанскиот претседател Мигел Дијас-Канел пред десетина дена прогласи дека епидемијата е ставена под контрола. Земјата со 11,2 милиона жители досега има само 2.280 заразени и 84 починати од КОВИД-19, што е голема спротивност на ситуацијата во Јужна Америка, која од пред некое време е жариште на глобалната пандемија.

Тим на кубански медицински лица пристигнува во Ангола (Фото: ЕПА)

Куба имаше ригорозен пристап кон запирањето на ширењето на коронавирусот, што беше потпомогнато од тамошниот превентивен, универзален и добро екипиран здравствен систем. Земјата рано ги затвори границите и училиштата, го запре јавниот превоз и воведе задолжително носење маска и карантин за голем број луѓе. Властите исто така испраќаа десетици илјади семејни лекари, медицински сестри и студенти по медицина по домовите за секојдневно спроведување скрининзи.

„Раното откривање, хоспитализацијата и примената на експериментални третмани, повеќето развиени од нашиот биотехнолошки сектор, помогнаа да се намали смртноста од КОВИД-19“, вели водечкиот кубански епидемиолог Франсиско Дуран.

Куба има 8,9 лекари на 1.000 жители, најмногу на светот според Светската здравствена организација. Од извозот на медицинските услуги, Куба во 2018 година заработила 6,4 милијарди долари.

Тим од 50-ина кубански медицински лица веќе три месеци престојува во Италија, каде што лекувал 5.000 луѓе, но тие се распоредени во 20-ина земји од почетокот на кризата со КОВИД-19, вклучувајќи ги Кина, Јамајка, Перу, Јужна Африка, Саудиска Арабија и Турција.