Скромната куќа од предградие во која живееше семејството на Волтер Вајт во серијата „На лош пат“ (Breaking Bad) и официјално е ставена на продажба за четири милиони долари, речиси десет пати поскапо од просечната продажна цена во нејзиното соседство.
Куќата во Албакерки, Ново Мексико има четири спални соби, две бањи и базен во дворот, каде што се снимени некои од клучните сцени од серијата. Нејзината сопственичка Џоен Кинтана изјави дека популарноста на куќата кај фановите на серијата значително ѝ го нарушила мирниот семеен живот.
„Ова беше нашиот семеен дом од 1973, речиси 52 години. Сега ќе си заминеме само со нашите сеќавања. Завршивме. Нема веќе смисла да се бориме“, изјави Кинтана.
Тимот на серијата првпат ја открил куќата во 2006.
„Се претставија и на мајка ми ѝ кажаа дека би сакале да ја употребат куќата за снимање пилот-епизода“, се присети Кинтана.
Во петте сезони од серијата, што се емитуваше од 2008 до 2013, надворешноста и дворот на куќата наголемо беа користени за да се прикаже домот на семејството Вајт. Тоа придонесе за голема популарност на куќата, која редовно беше посетувана од фановите во последните десетина години. Кинтана кажа дека околу 300 автомобили дневно поминувале покрај куќата.
„Се надевам дека новиот сопственик ќе ја претвори куќата во она што го сакаат фановите. Тие сакаат музеј, место за спиење, сакаат пристап до неа“, кажа Кинтана.
(Фото: Алами)