КВАЛИТЕТ ПРЕД ЦЕНА – ХОЛАНЃАНИТЕ ЛАНИ ПОТРОШИЛЕ 1,2 МИЛИЈАРДИ ЕВРА НА ВЕЛОСИПЕДИ

Амстердам, (Гардијан)

Љубовта на Холанѓаните кон возење велосипед е доволно позната: во земјата со 17 милиони жители има 22,5 милиони велосипеди, но тоа лани беше издигнато на едно ново ниво.

Над еден милион велосипеди биле продадени лани во Холандија, 5,7% повеќе во однос на 2017 и статистиките покажуваат дека за тамошните жители, квалитетот е поважен од цената, па голем број од нив се префрлуваат на електричен велосипед.

Лани биле купени велосипеди во вредност од 1,2 милијарди евра, од што 823 милиони отпаѓаат на електрични модели. Ова е првпат вкупната продажба да надмине една милијарда евра и да се купат повеќе електрични отколку класични велосипеди. Продажбата на е-велосипеди се зголемила за 40% лани и како резултат на тоа, просечната цена на велосипед пораснала на 1.207 евра. Во 2011 година, таа изнесувала 734 евра.

Холанѓаните велат дека и покрај зголемените цени, тие немаат намера да се откажат од своето омилено превозно средство.

„Тоа нема да се случи во Холандија. Тоа е нашата култура, тоа ни е во крвта. Ние сме велосипедска држава број еден во светот и сакаме да инвестираме во иновативни модели. За Холанѓанец е нормално да потроши 1.000 евра на велосипед. Просечна цена на електричен велосипед е околу 2.000 евра. Има и поевтини, но ние сакаме квалитет“, вели Флорис Либранд од „РАИ ферајнигинг“, организација која го претставува велосипедскиот сектор.