КВИНТЕТОТ НА АНДРЕА МИРЧЕСКА, ПИЈАНИСТОТ НДУДЗО МАХАТИНИ И ДУОТО ХОКИНС-ЈЕРЕНБЕРГ НА СКОПСКИОТ ЏЕЗ ФЕСТИВАЛ

Скопје, (СмартСДК.МК)

 

Концертите на квинтетот на Андреа Мирческа, пијанистот Ндудзо Махатини и дуото Александар Хокинс и Софија Јеренберг се на програмата на третата вечер на Скопскиот џез фестивал на сценте на Националната опера и балет (НОБ).

Од 20 часот е настапот на контрабасистката Андреа Мирческа (28), активна музичарка на современата и импровизаторската сцена во Македонија. Нејзината работа опфаќа состави како „Такси конзилиум“, Дина Јашари, Пијан Славеј, Зарина Првасевда и многу други, како и активно учество во развојот на македонската алтернативна сцена. Во 2019, Мирческа ја добива наградата „Златен Орикс“ за најдобар млад џез музичар. Се појавува на околу десет изданија, а „Приспивна за лудаци“ (Lullaby for Lunatics) е нејзин прв проект кој ги поврзува композицијата и импровизацијата, обединувајќи различни звучни светови. Репертоарот главно се состои од авторски композиции, надополнети со преработки на дела кои оставиле длабока трага врз нејзиниот музички вкус. Композициите се развиваат преку контрабас, пијано и вокал, додека останатиот дел од составот го преобликува материјалот преку сопствените инструменти, при што импровизацијата, слушањето и довербата стануваат важен дел од процесот.

Од 22 часот настапува Ндудузо Махатини, јужноафрикански композитор, пијанист и научник. Неговиот звук е обликуван од народната музика на народот Зулу, со мелодиска традиција која се поврзува со Абдула Ибрахим. Денес, тој е еден од најпрепознатливите гласови во современиот џез. Махатини изгради богата дискографија независно и преку различни издавачки куќи, пред да го направи својот меѓународен пробив и да потпише со „Блу ноут“ во 2020 година. Оттогаш, има издадено четири албуми за „Блу ноут“ (Blue Note), соработувајќи со уметници како Винтон Марсалис, Шабака Хачингс, „ВДР Биг банд“ (WDR Big Band и Блек Кофи), меѓу другите. За Махатини, настапот е ритуал кој бара вистинска ангажираност од публиката. Токму затоа, тој продолжува да ги исполнува концертните сали и фестивалите ширум светот. Неговиот најнов албум, „The Myth We Choose“, објавен во јуни оваа година и копродуциран со неговиот син Тинго, го спојува американскиот џез во потрага по духовност со најпрепознатливите елементи на јужноафриканскиот џез и раздвижувачките ритми на афро-кубанската музика, носејќи ја неговата музика чекор понатаму кон современите звуци на модерниот џез.

Од 24 часот на Малата сцена на НОБ е концертот на Александар Хокинс, британски композитор, пијанист и органист, чиј музички свет е обликуван од фасцинацијата на композиција, но и од длабоката љубов кон слободната импровизација.Неговиот музички јазик се протега од раниот џез и бибоп, преку слободната импровизација, до современата композиција и електронскиот звук. Како значаен соработник, во неговата работа се среќаваат важни имиња како Вадада Лео Смит, Хамид Дрејк, Вилијам Паркер и многу други. Софија Јернберг е шведска вокалистка, родена во Етиопија, композиторка, која има стекнато значајно признание на скандинавската и меѓународната експериментална сцена. Таа работи со невербална вокализација, проширени вокални техники и го истражува гласот како инструмент. Соработувала со значајни авангардни ансамбли како „Фајр! Оркестра“ (Fire! Orchestra) и се движи помеѓу современата класична музика, експериментална музика, слободниот џез и импровизација. Нивниот заеднички проект „Мушо“ (Musho) започнува со настап во живо во 2016 година, што подоцна резултира со албум објавен за престижната германска издавачка куќа „Интакт рекордс“ (Intakt Records) во 2024 година. Двајцата музичари откриваат заедничка музичка територија во етиопската музика, користејќи традиционални песни од Етиопија, Ерменија, Шведска и други места како материјал што го трансформираат, растегнуваат и повторно го осмислуваат.