Театарот за деца и младинци утре во 12:30 часот првпат пред публика ќе ја изведе претставата „Лажеш Мелита“, работена според истоимениот роман на хрватскиот писател Иван Кушан. Драматизацијата е на Бојан Трифуновски, а режијата на Драгана Милошевски-Попов.

Премиерата беше во декември 2021, но од затворен тип. Специфичноста на оваа претстава е што се изведува на повеќе локации во објектот на ТДМ.

„‘Лажеш Мелита‘ е веќе класика на балканските простори. Прекрасен роман за деца, кој на забавен начин ни кажува колку е важно и потребно секогаш да се зборува вистината, но истовремено никако не смее да се запостават имагинацијата и креативноста на децата. Тоа е она што е најважно кај детето. Неговата слобода да создава светови, подобри од оној во кој живее“, вели Трифуновски.

Во претставата играат Наташа Петровиќ, Ана Левајковиќ-Бошков, Винета Дамческа-Мојаноска, Ненад Митевски и Ангела Димитрова. Автор на музиката е Срѓан Марковиќ, костимите ги изработи Елена Вангеловска, а сценографијата и изработката на кукла се на Кирил Василев. Следната изведба е на 28 мај во 19 часот.