Според многумина најдобриот југословенски рок албум на сите времиња, „Одбрана и последни денови“ од „Идоли“ оваа година одбележува четири децении од излегувањето. Иако музиката многу се промени во изминатите децении, албумот остана актуелен и инспирација за многу наредни генерации музичари.

„Тој албум секогаш привлекувал внимание, секогаш имаше различни мислења за него. Албумот има еден специфичен живот зашто настана во периодот на распаѓањето на ‘Идоли‘, па тогаш не се соживеавме со тие песни. Тие зазвучеа како треба дури подоцна, кога Влада Дивљан го собра својот ол стар бенд и смееше да ги свири тие песни. Јас тој албум го памтам по настапите со бендот на Дивљан“, вели некогашниот басист на „Идоли“, Зденко Колар.

Снимањето на албумот почнало во есен 1981, со цел, како што кажа, да ја издадат најдобрата плоча.

„Влеговме во студио полни со елан, но потоа тој елан исчезна. Нешто не штимаше. Ние го пораѓавме албумот. Снимањето траеше шест месеци, тоа беше борба. Имавме проблеми со техниката, па се губеа снимките. Излезе дека ние сме тотални аматери. Влада и јас бевме најупорните“, кажа Колар.

Со цел да се одбележи јубилејот, „Кроација рекордс“ ќе го објави албумот во луксузно винилно издание.