На Гластонбери имаат свирено некои од најгласните рок бендови, но целиот фестивал денеска на момент замолкна.
Тоа беше поентата на перформансот на српската концептуална уметница Марина Абрамовиќ насловен „Седум минути колективна тишина“, во рамките на кој таа побара од илјадници луѓе да молчат седум минути. Известувачот на Би-Би-Си од Гластонбери изјави дека таа успеа во својата намера, опишувајќи го настанот како навистина специјален.
Абрамовиќ од централната бина „Пирамида“ побара од посетителите да стават рака на нечие рамо, да ги затворат очите и да бидат мирни 420 секунди.
„Застанете заедно и размислете како да донесете безусловна љубов во свет исполнет со гнев и насилство“, кажа Абрамовиќ.
Иако во кариерата има изведено бројни контроверзни перформанси, Абрамовиќ пред настапот на Гластонбери кажа дека е уплашена.
„Не познавам визуелни уметници кои направиле вакво нешто пред 175.000-200.000 луѓе. Најголемата публика што некогаш сум ја имала беше 6.000 луѓе на стадион и размислував дека ова е над сѐ што сум го направила досега“, изјави Абрамовиќ.
(Фото: Гети)