По 20 години живот во заробеништво, последната „ресторанска мечка“ во Албанија пристигна во својот нов дом, засолниште за животни во Австрија.
Во Албанија имаше традиција да се чуваат мечки во мали кафези близу ресторани и хотели, служејќи како атракција за туристи. Во 2016 година, непрофитното здружение „Четири шепи“ почна кампања за преселба на повеќе од 30 мечки кои служеле за забава.
Марко, 24-годишниот кафеав мечок, беше последното „ресторанско“ животно во Албанија, иако, според „Четири шепи“, во земјата има уште неколку мечки кои живеат во заробеништво во лоши услови. Тој беше спасен на 7 декември и отсега ќе живее во засолништето во Арбезбах, каде што стигна по 44-часовно патување преку Македонија, Грција, Бугарија, Романија и Унгарија.
Кога активистите на „Четири шепи“ првпат го виделе Марко, тој имал сериозни здравствени проблеми. Имал прекумерна тежина и скршени заби и покажувал ненормално однесување.
Од „Четири шепи“ велат дека Марко 20 години бил хранет со остатоци од ресторанот, најмногу леб и сега полека го навикнуваат на поздрава исхрана.
(Фото: АФП)