МАРС Е СЕИЗМИЧКИ АКТИВЕН СВЕТ, ПОТВРДИ НАСА

Вашингтон, (Гардијан)

Марс можеби е студен и сув, но е далеку од мртва планета. НАСА ги објави првите официјални научни податоци од лендерот „ИнСајт“ и тие покажуваат дека Марс редовно се тресе.

„Конечно за првпат утврдивме дека Марс е сеизмички активна планета“, изјави водачот на проектот „ИнСајт“, Брус Банерт.

Овој лендер се спушти на површината на Марс во ноември 2018 година, со цел да ја истражува внатрешноста на планетата и да регистрира евентуални марсотреси.

„ИнСајт“ е опремен со мошне чувствителен сеизмометар способен да детектира и исклучително мали вибрации. Така во првите десет месеци тој регистрирал 174 марсотреси, покажувајќи дека планетата под својата површина е уште како сеизмички активна. Во меѓувреме, нивниот број пораснал на 450 и најсилните имале магнитуда меѓу три и четири степени.

Овие податоци сега ќе се анализираат за да се добијат информации за содржината на кората и на подлабоките слоеви на Марс.