МЕЈВЕДЕР НЕ УСПЕА ДА ПОБЕДИ ЈУТЈУБЕР, НО ОЧЕКУВА ДА ЗАРАБОТИ 50 МИЛИОНИ ДОЛАРИ

Мајами, (Би-Би-Си)

Еден од најдобрите боксери на сите времиња Флојд Мејведер не успеа да го победи јутјуберот Логан Пол во егзибицискиот меч на стадионот „Хард рок“ во Мајами, но сепак ќе заработи огромни пари. Борбата во осум рунди немаше судии покрај рингот, ниту ќе влезе во статистиката на досега непоразениот Мејведер, кој не успеа да го нокаутира Пол, кој, пак, цело време се држеше на дистанца.

„Самото тоа што беше на дистанца е победа за него. Што се однесува до парите, ќе видиме кој ќе биде победникот“, изјави Мејведер.

Тој кажа дека очекува да заработи 50 милиони долари, опишувајќи го настанот како „легален грабеж на банка“.

Пол, кој има 23 милиони следбеници на Јутјуб, претходно боксуваше само еднаш, против колегата јутјубер КСИ.

„Ова беше најсупер работа на сите времиња. Ќе одам дома со мислата дека ми дозволи да преживеам“, изјави Пол.