МЕТАЛНИОТ МОНОЛИТ ПОЧНА ДА ПРИВЛЕКУВА ЛУЃЕ ОТКАКО ЧЕТИРИ ГОДИНИ СТОЕЛ НЕЗАБЕЛЕЖАН ВО ПУСТИНАТА ВО ЈУТА

Солт Лејк Сити, (Би-Би-Си)

Кога властите на Јута во понеделникот објавија дека во тамошната пустина Ред Рок е пронајден мистериозен метален монолит, тие одлучија да не ја откријат неговата локација од страв да не почне да привлекува луѓе на така тежок терен.

Сепак, само 48 часа подоцна, на Инстаграм веќе почнаа да се појавуваат првите фотографии од луѓе кои позираат со монолитот, за чии потекло и значење и натаму нема објаснување. Тие биле упатени од интернет детективи, кои брзо ја утврдиле локацијата на структурата на Google Earth и јавно ги објавија координатите.

Сателитските снимки од локацијата од август 2015 и октомври 2016

Решив прв да одам таму, зашто бев привлечен од фактот дека овој објект стоел таму неколку години, скриен во природата“, изјави 33-годишниот Дејвид Сарбер, кој возел шест часа ноќе откако на Редит ја дознал локацијата на монолитот.

Властите првпат го забележале чудниот објект на 18 ноември при рутински прелет со хеликоптер над оваа зафрлена област, со пејзаж како на Марс. Монолитот не се гледа на сателитските снимки од 2015 година и се појавува во октомври 2016, кога и околниот терен изгледа расчистен.

Досега никој не презел одговорност за поставувањето на монолитот, кој беше откриен во понеделникот

Сарбер пристигнал во раните утрински часови, а потоа почнале да доаѓаат и други.

Ова беше убаво бегство од сите негативности што ни се случија во 2020“, кажа Сарбер.

Останува нејасно кој ја поставил структурата и зошто, а меѓу многуте теории превладува онаа дека станува збор за концептуално уметничко дело, за што никој досега не презел одговорност. Видеата објавени од местото сугерираат дека станува збор за професионално дело, кое се состои од три споени плочи, направени од нерѓосувачки челик. Експертите сметаат дека еден човек не можел сам да го направи ова.