МИКРОПЛАСТИКАТА ВО МОРСКАТА ВОДА МОЖЕ ДА ЈА НАМАЛИ ПОПУЛАЦИЈАТА НА КИТОВИ И АЈКУЛИ

Лондон, (Би-Би-Си)

Научниците повикаа да се испита влијанието на микропластиката врз китови, ајкули и други животни кои издвојуваат ситна храна, како планктони, од морската вода.

Тие велат дека микропластиката претставува голема опасност за најголемите морски животни, бидејќи се проценува дека китовите секој ден внесуваат во себе илјадници честички пластика. Иако станува збор за парченца не поголеми од пет милиметри, тие предизвикуваат голема штета на океанскиот и на водниот свет.

Приоритетни локации за набљудување се Мексикански Залив, Средоземно Море, Бенгалски Залив и Корален Триаголник.

Загадувањето од микропластиката може значитечно да ја намали популацијата на најголемите морски животни, велат истражувачите од САД, Австралија и Италија.

„Вистинските ризици од внесување микропластика во организмот допрва треба да се испитаат. Можните ризици вклучуваат проблеми во исхраната и оштетување на системот за варење. Токсичните состојки на микропластиката можат да влијаат врз многу биолошки процеси, како раст, репродукција и метаболизам“, вели Елица Германов од универзитетот Мардок во Австралија.

Китови, ајкули и слични животни голтаат стотици кубици вода дневно за да ја соберат храната од водата.