РОБОТ ПОДГОТВУВА И СЛУЖИ КАФЕ ВО ТОКИО

Токио, (АП)

Јапонија има ново кафуле, во кое што муштериите уживаат во кафето подготвено и послужено од келнер-робот.

Роботот Соер дебитираше викендов во „Хена кафе“ во Шибија, бизнис и шопинг област на Токио. Името на кафулето на јапонски значи „чудно кафе“.

Едноракиот робот ги скенира тикетите и ги поздравува муштериите.

„Би сакале ли вкусно кафе? Јас можам да го направам поубаво отколку луѓето овде“, ги прашува со рамен тон келнерот со екран, на кој се прикажани нацртани очи.

Тој ги меле зрната кафе и ги попарува со врела вода во хартиена чаша. Притоа може да направи кафе за пет луѓе одеднаш. Чаша кафе чини три долари, а за негова подготовка потребни се неколку минути.

Соер, исто така, може да управува со апарат за шест други жешки пијалоци, вклучувајќи капучино, топло чоколадо и зелен чај.

Операторот на кафулето, туристичката агенција „ХИС ко“, вели дека роботот може да ја зголеми продуктивноста додека ги забавува гостите.