МИШЕЛ ОБАМА НОМИНИРАНА ЗА ГРЕМИ НАГРАДА

Њујорк, (Индипендент)

Поранешната прва дама на САД Мишел Обама доби номинација за Греми награда за нејзината автобиографија „Моја приказна“ (Becoming). Таа е номинирана во категоријата најдобар албум со раскажување за аудиоверзијата на книгата, која излезе пред една година и бргу стана бестселер.

„Возбудена сум што ја добивам оваа номинација. Изминатава година беше едно значајно, возбудливо патување. Уживав додека ги слушав вашите приказни и ќе продолжам по патот на кој се спојуваме“, напиша таа на Твитер.

Нејзиниот сопруг Барак Обама двапати има добиено Греми, а меѓу поранешни добитници се и Мартин Лутер Кинг, Хилари Клинтон и Бил Клинтон.

На денот на издавањето беа продадени повеќе од 725.000 примероци во САД и Канада. Книгата е преведена на 30 јазици, меѓу кои и на македонски.