Една неодамнешна анкета покажа дека четвртина од луѓето на возраст од 18 до 34 години никогаш не одговараат на телефонските повици. Истражувањето на „Јусвич“ со 2.000 луѓе, исто така, покажа дека скоро 70% од оваа возрасна група сакаат порака наместо телефонски повик.
За постарите генерации, зборувањето на телефон е нормално. Тие ги поминаа тинејџерските години борејќи се со нивните браќа и сестри за фиксниот телефон во ходникот, за потоа целото семејство да ги слуша нивните разговори. Спротивно на тоа, сегашните тинејџери комуницираат со пораки.
Во 2009, повиците на мобилен телефон чинеа мало богатство. И така се роди генерација на текстуални пораки: повиците на мобилни телефони беа за итни случаи, а фиксната телефонија ретко се користеше за да разговарате со вашите баба и дедо.
„Бидејќи младите не развиле навика да зборуваат по телефон, сега се чувствуваат чудно оти тоа не е норма. Ова може да ги натера младите да се плашат од најлошото кога нивниот телефон ќе почне да ѕвони или тивко да свети затоа што никој помлад од 35 години нема гласен тон на ѕвонење“, вели психологот Елена Турони.
Повеќе од половина од учесниците во истражувањето признале дека мислат дека неочекуван повик значи лоша вест. Психотерапевтката Елоиз Скинер објаснува дека вознемиреноста од повиците доаѓа од асоцијација на лошо претчувство.
„Како што стануваме позафатени, а работните распореди понепредвидливи, имаме помалку време да се јавиме на пријател за едноставно да се слушнеме“, вели 26-годишниот Џек Лонгли, додавајќи дека никогаш не одговара на непознати броеви.
Но, тоа што не зборуваат на телефон не значи дека младите не се во контакт со своите пријатели. Групни разговори се полни со банални пораки, мемиња, озборувања и, од неодамна, гласовни пораки. Многу од овие разговори сега се одвиваат на социјалните мрежи.
(Фото: Фрипик)