НА 20 МАРТ ПРЕМИЕРА НА „ВЕЧЕРА ЗА ГЛУПАЦИ“ ВО ВЕЛЕШКИ ТЕАТАР

Велес, (СМАРТ СДК.МК)

На 20 март во велешкиот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ (20 часот) премиерно ќе се изведе претставата „Вечера за глупаци“. Тоа е прва премиера на театарот за годинава и е дел од содржините на фестивалот на комедијата „5ре“. Претставата е работена според текст на Франсис Вебер, во режија на Ненад Витанов.

„Станува збор за комедија во која се комбинираат комедија на карактери и комедија на ситуации. Сигурен сум дека публиката ќе ужива во претставата“, кажа Сашо Димоски, директорот на Велешкиот театар.

Првата реприза е на 27 март, кога ќе биде одбележан и Светскиот ден на театарот.

Носечката ролја во претставата ја има Фаик Мефаилоски.

„Одамна немам работено комедија, па со оваа претстава се навративме на овој жанр, кој е благороден и за нас како актери и за публиката. Поминавме низ еден одличен, суперзабавен процес. Оваа претстава долго, долго ќе живее на сцената на театарот“, кажа Мефаилоски.

Сценографијата е на Филип Коруновски, костимите на Раде Василев, а музичкиот избор е на Ненад Витанов. Освен Мефаилоски, играат и Благојчо Стојанов, Жарко Спасовски, Талија Настова, Јордан Витанов, Кире Ацевски и Сандра Танчева.

П. ПЕЧКОВ

Фото: Велешки театар