Концерт во Лајпциг на кој ќе настапи германската поп ѕвезда Тим Бенѕко ќе послужи како експеримент на кој ќе се истражува како коронавирусот се шири на големи собири, со цел да се откријат начини како да се заштитат луѓето од зараза на културни настани.

Присутните ќе бидат опремени со уред за следење за да можат истражувачите да креираат математички модели и да се пресмета ризикот од ширење на вирусот на големи настани во затворено. Нивните раце ќе бидат дезинфицирани со флоуресцентно средство за да се идентификуваат површините што ги допираат, а со тоа и местата преку кои се пренесува вирусот.

Концертот ќе се одржи на 22 август и е поддржан од владите на сојузните држави Саксонија-Анхалт и Саксонија. Проектот наречен „Рестарт-19“ сега е во потрага по здрави доброволци на возраст од 18 до 50 години и од потребните 4.000 луѓе, досега се пријавиле 1.400. Сите тие ќе бидат тестирани за коронавирус непосредно пред концертот.