НА ПИТИЈАДАТА ВО ВЕЛЕС ВИКЕНДОВ НАСТАПУВААТ СЕВЕРИНА, КАЛИОПИ И БАЈАГА

Велес, (СМАРТ СДК.МК)

По 19. пат, во Велес викендов ќе се одржи манифестацијата Питијада, со учество на познати пејачи од Македонија и регионот. Гостите на Фестивалот на питата и виното, како што е официјалниот наслов, ќе ги забавуваат Калиопи (10 октомври, 23.30 часот), Северина (11 октомври, 23:15 часот) и Бајага и „Инструктори“ (12 октомври, 22.30 часот).

На листата учесници се и „2Бона“, „Кулу леле“, Пајак, Кате и Ѓоко Ѓорчев, Анета Љумаковска, „Либеро бенд“ и Викторија Лоба, како и велешките музичари, групата „Соната“, која ќе одбележи 25 години работа и Мики Секуловски.

За најмладите се предвидени настапите на „Стела и Сани“ и „Златно славејче“, а во придружната програма ќе има базар на рачни ракотворви и изложба на стари автомобили во возна состојба. Засега се пријавени 70 олдтајмери од Македонија, Србија, Хрватска.

Договорената цена за пита пастрмалија е 250 денари, соопштија од Општина Велес.

На улицата Благој Ѓорев и на улицата кај гимназијата има пријавено 15-ина штандови и учесници. Вечерва треба да се исече големата пита пастрмалија, која лани достигна до 4,20 метри  а годинава пекарата која ја подготвува најавува дека ќе биде поголема.

Манифестацијата започна како хуманитарен настан и промоција на велешката пита во февруари 2004. Тогаш според присутните се избираше и највкусна пита.

П. ПЕЧКОВ