Четири нови колонии на царски пингвини се откриени на Антарктик со помош на сателитски снимки, со што нивниот број на континентот порасна на 66. Со последното откритие, научниците веруваат дека сега знаат каде се наоѓаат сите преостанати парови на светот.
Царските пингвини се додворуваат, се парат, несат и изведуваат јајца, а потоа ги одгледуваат своите млади на морскиот мраз поврзан со брегот. Но, овој мраз се намали во некои делови на Антарктик и стана попроменлив, особено во последниве години, што го доведува во опасност опстанокот на овој вид пингвини.
Царските пингвини се најголемиот вид пингвини на светот, со височина од над еден метар. Тие живеат во екстремни услови и се собираат на врвот на зимата за да се размножуваат во различни групи. Овие колонии знаат да бидат оддалечени едни од други околу 250 километри.
Научниците го поздравија откривањето на четирите нови локации, иако со нив се додаваат само неколку илјади единки на вкупната популација од околу 550.000. Се верува дека барем една од овие колонии е целосно нова.
Една од најголемите колонии на царски пингвини беше збришана во 2016 кога илјадници животни се удавиле или смрзнале до смрт откако се распаднал мразот на кој стоеле.