Глобалното загревање, загадувањето и уништувањето на живеалиштата се некои од главните причини што илјадници живи видови низ светот се водат како загрозени, објави Светскиот фонд за природа (ВВФ), додавајќи дека годинава имало и позитивни примери.
„Најголемиот бран на изумирање од ерата на диносаурусите неконтролирано ја преплави нашата природа во 2023 година“, изјави Катрин Самсон, директорката на германската подружница на ВВФ.
Најголемите „губитници“ во животинскиот свет се Хумболтови пингвини во Јужна Америка, десеткувани од птичји грип, амазонски делфини, врз чие масовно угинување веројатно влијаела високата температура на водите и водоземци генерално.
На меѓународната црвена листа сега се над 44.000 животински, растителни и габични видови. Но, има и добри вести, вели ВВФ.
За „победници“ на годината се прогласени азиски тигрови, чиј број само во Индија пораснал на повеќе од 3.600 единки, африкански носорози и кавкаски бизони. Други позитивни примери се сајга антилопите од централна Азија, снежните леопарди во Бутан и елените во Швајцарија.
(Фото: АФП)