НАЈЧУДНАТА РАБОТА ВО ФУДБАЛОТ – ЛИВЕРПУЛ ДОВЕДЕ ТРЕНЕР ЗА ИЗВЕДУВАЊЕ АУТИ

Ливерпул, (Би-Би-Си)

Томас Гронемарк е најнеочекуваното ново име во екипата на Ливерпул оваа сезона.

Дури и тренерот Јирген Клоп признава дека никогаш претходно немал слушнато дека постои тренер за изведување аути.

Токму тоа е улогата на Данецот, кој го држи светскиот рекорд во најдолго фрлање на топката со раце од 51,33 метри.

„Знам дека ова е најчудната работа која постои во фудбалот. Понекогаш и ме исмеваат“, признава 42-годишниот Гронемарк.

Клоп вели дека тој веќе направил разлика со својата работа во тренинг-центарот.

„Кога слушнав за Томас, ми беше јасно дека сакам да го запознам. Кога го запознав, ми беше сто посто јасно дека сакам да го ангажирам“, вели германскиот стручњак.

Гронемарк работи со тимови од 2004 година, прво во Данска, а потоа во германската Бундеслига. Тој проценува дека на еден фудбалски натпревар се изведуваат 40-50 аути. Само на последниот меч со Лестер, Ливерпул ги имал 54.

„Изведувањето аути може да го спаси животот на малите клубови. Но, кај најдобрите, тоа може да помогне играта да биде потечна. Без разлика каде се наоѓате на табелата, изведувањето аути е предност. Јас се фокусирам на сѐ што можете да замислите, не само на техника, туку и како да ја примите топката, поставување, создавање простор. Ако Ливерпул оваа сезона даде еден-два гола по паметно и брзо исфрлување на топката, јас ќе бидам задоволен“, вели тој.