НАПРАВЕНИ НАЈБЛИСКИТЕ СНИМКИ ОД СОНЦЕТО ДОСЕГА

Париз, (Гардијан)

Вселенското летало Солар орбитер го сними Сонцето од далечина од 77 милиони километри, што се најблиските фотографии направени досега. Тие покажуваат дека површината на Сонцето е прекриена со „логорски огнови“, минијатурни верзии на драматичните соларни пламени видливи од Земјата.

Заедничката мисија на НАСА и Европската вселенска агенција треба да ја реши дилемата зошто атмосферата на Сонцето е толку потопла од неговата површина, што е централен парадокс во соларната физика. Сите постоечки телескопи немаат доволно добра резолуција за да ја набљудуваат површината на Сонцето во мали детали.

„Сонцето има релативно студена површина од само 5.500 Целзиусови степени, опкружена од супержешка атмосфера од повеќе од милион степени“, вели научникот од проектот Даниел Милер.

Мисијата вредна 1,3 милијарди долари беше лансирана во февруари и треба да го даде првиот увид во јужниот и северниот пол на Сонцето.